Шест месеци пракса во Швајцарија, шест најорганизирани месеци во мојот живот. Од земјата од соништата, како што многумина ја нарекуваат, очекував многу, но добив уште повеќе. Овој епитет не е само поради високиот стандард на живеење, туку и поради начинот на кој целата администрација функционира беспрекорно, начинот на кој луѓето се почитуваат меѓусебно и се разбира да не го заборавиме фондуто како национално јадење.
За време на третата пракса која ми ја овозможи ИАЕСТЕ Македонија, имав можност да работам во ABB, мултинационална компанија, која е лидер во автоматизација, роботика и електроенергетски системи. Накратко, бев дел од тимот кој работи во апликации за енергетски преобразувач кај ветерни турбини.
Имав можност да работам за моментално најголемата ветерна турбина во светот, што беше највозбудливиот дел од мојата пракса. На почетокот од праксата ми беше доделен сопствен проект за изградба на симулатор со хардвер во јамка за тестирање на контролниот систем на енергетскиот преобразувач во повеќе ветерни турбини. Овој проект ми овоможи да работам на симулации за ветерни централи, различни протоколи за комуникација, програмабилни логички управувачи, како и поставување околина за виртуелизација. Дополнително, во тимот ме третираа како вработена со што ми даваа можност да организирам состаноци со клиенти, да донесувам одлуки за некои делови од проектот и на крајот да го пренесам знаењето од изградбата на симулаторот на останатите корисници на симулатори во одделот. Околу Цирих има 7 ABB локации, а јас работев во ABB Turgi каде имаше околу 1500 вработени.
Покрај одличната пракса, контактите и знаењето кои ги стекнав за време на овие 6 месеци, имав можност да ги посетам прекрасните убавини кои ги нуди Швајцарија. ИАЕСТЕ Комитетите во Швајцарија скоро секој викенд организираа нови авантури, па така првиот викенд на кој присуствував беше Hard Hiking Weekend во Гринделвал, каде хајкот за освојување на Алпите траеше 8 часа, но убавините беа непроценливи. Следниот викенд беше организирано патување до преубавиот италијански дел од Швајцарија со преубава италијанска храна, каде ги посетивме езерото Лугано и панорамата од Verzasca Valley. Оние кои беа најавантуристички настроени, имаа можност за James Bond акција и слободен пад од 220 метри во познатата брана “Diga Verzasca”, исто како во 007 филмот Golden Eye. Најомилениот викенд за мене беше посетата на Zermatt и “Тоблероне” планината Matterhorn, каде имавме хајк до глечерот Алеч, кој е најголемиот глечер на Алпите, заштитен од Unesco и веќе е во исчезнување.Tоблероне планината ја гледавме од највисоката платформа во Европа достапна со жичарница на 3900 m. Дополнително, во Цирих постојано има некој фестивал, па заедно со практикантите имавме можност да присуствуваме на повеќе, со изведувачи како Alan Walker, billie eilish, Calvin Harris, Jorja Smith, Loud Luxury и сл.
ИАЕСТЕ е единствената организација која за време на студиите може да ви овозможи неверојатни искуства и пракси во светски компании насекаде во светот, а истовремено ќе имате постојана поддршка од локалниот комитет, како и од останатите пракиканти. За сите кои сакаат подолга пракса, каде се бара големо вложување, но за возврат се добиваат огромни можности и знаење, Швајцарија е вистинското место за тоа.
Софија Митрова - студент на Факултетот за Електотехника и Информациски Технологии