Постојано слушав дека земја како Полска е супер избор за прва праска, а и навистина верував во тоа. За мене претставуваше предизвик да посетам земја во која нема Ајфелова кула или Колосеум, некоја нова земја за која сакав да откријам многу нови работи, а исто така и земја која може да ми понуди практично искуство што долго време го посакував. Ова е приказната за мојата пракса во Полска од минатото лето.

Рудникот Wieliczka salt mine во Краков, лоциран повеќе од 100 метри под земја е едно од најуникатните места кои некогаш сум ги видела.

Живеев и работев во Гливице, мало гратче на југ. Бидејќи секој ден одев пешачев до работното место кое беше само на 10 минути од студентскиот дом, можев многу ситници да заприметам.  На пример како огромна улична култура и застанување на пешачки кога улицата нема ни семафори, или најпрецизна точност на јавниот превоз што некогаш сум ја видела. Покрај Гдањск кој  ми е омилен град во Полска, имав можност да ги посетам и Катовице, Краков и Вроцлав. Едно од најуникатните места што би препорачала секој кој има можност да го посети е рудникот Wieliczka salt mine во Краков, лоциран повеќе од 100 метри под земја.

Во однос на државата, навистина сум пријатно изненадена иако не е некоја препопуларна туристичка дестинација. И покрај тоа што Чешка е позната како државата на пивото, Полска не заостанува многу зад нив. Всушност и покрај тоа што водката им е традиционален пијалок (надалеку познатата Soplica), конзумираат исто толку пиво дневно. Храната пак не им е толку јака страна, мислам сите знаеме дека ништо не се споредува со нашата храна во Македонија но едно нешто можев да го јадам и преку ден и навечер 24/7, а тоа беше: ZAPIEKANKIIII! Тоа е превкусно нешто, (не е повкусно од бурек секако) особено после вечерно излегување во диско.

Фирмата имаше уникатна традиција, шолјата за кафе во форма на Darth Wader на крајот од работната недела се доделуваше на оној кој најмногу работел.

Работев во мала ИТ компанија која водеше истовремено околу 20 проекти, развивајќи мобилна апликација за Андроид мобилни уреди. Секој ден имавме Jazzy meetings, на кои правевме ретроспектива што сме работеле претходниот ден и кои ни се задачи за тековниот. Исто така имаа интересна традиција: шољата за кафе во форма на Darth Wader беше задолжителен момент секој Петок и на крај од Jazzy состанокот се доделуваше на оној кој најмногу работел. Оној кој ќе ја добиеше, имаше привилегии да добива кафе до следниот Петок – од било кој колега, кога и да посака (јас ја добив претпоследната недела) 😀

Организираните ИАЕСТЕ викенди во Полска и поблиските држави беа тие кои го исполнуваа моето слободно време и воедно тоа беше времето во кое најмногу уживав (покрај она што го работев). Обично на секој викенд главниот дел беше City game: учесниците на викендот се поделени во тимови и секој од тимовите добива различни забавни предизвици, кои се прават на различни локации во градот. Без оглед дали треба да смислите начин како да го поминете градскиот мост без да стапнете на земја, или да ја направите најкреативната слика со познатиот John Lennon wall… Секој ИАЕСТЕ викенд беше посебен на свој начин, но има еден позитивен момент заеднички за нив: луѓето кои ги запознаваш!

Сега сум побогата за десетици нови пријатели низ светот, колку и да звучи клише. И што е поважно, станав свесна како ме промени новостекнатото искуство. Зошто секојдневието пред праксата било она што често го викаме “the comfort zone”.

Кога треба на кратко да објаснам некому зошто да аплицира на ИАЕСТЕ пракса, би рекла: затоа што не се чувствувате како турист – ИАЕСТЕ прави да се чувствувате како да сте дома.

Мартина Солунчевска, студент на ФИКТ во Битола