Јордан - кралство на Блискиот Исток, земја во која се наоѓа најневеројатното чудо на античкиот свет, уникатната Петра. Аман е главен град на Јордан и слободно може да се каже дека е најлибералниот град во арапскиот свет. Покрај тоа што бил родно место на неколку големи цивилизации, Аман е град кој е во постојан развој со остар контраст меѓу западна и источна култура. Во целост, оваа земја претставува спој на традиција, култура, превкусна храна, арапско кафе и неверојатно гостопримлив народ.

Тоа што ја прави праксата преку ИАЕСТЕ поразлична од обично шетање во одредена земја е можноста да се запознаеш со луѓе од цел свет, да споделуваш искуства, да научиш многу за нивниот начин на живот и притоа да се стекнеш со епитетот локалец во местото каде што престојуваш. Истовремено имаш можност да извршуваш практична работа во областа која ја студираш.

Јас конкретно работев во NEPCO (National Electric Power Company), компанија која се занимава со пренос на електрична енергија на територија на цел Јордан (изградба и одржување), планирање и развој на електроенергетскиот систем како и увоз и извоз на електрична енергија со соседните земји. За време на двомесечната пракса бев директно вклучена во тековните проекти: градење на нова трафостаница и нова 400 kV линија од преносната мрежа. Исто така, работев во повеќе сектори кои вклучуваа канцелариска и работа на терен заедно со инженерите во компанијата.
Во Аман бевме околу 40 практиканти сместени во ист хотел и секое слободно време после работа го користевме за дружба, пробувавме традиционална храна, го истражувавме секое делче од градот и го искусивме ноќниот живот за кој јас првенствено мислев дека и не постои.

Скоро секој викенд беше организиран од страна на ИАЕСТЕ Јордан и имавме можност да ги посетиме сите позначајни места како што се: Мртво море, пустината Вади Пум, едно од седумте светски чуда Петра, планината Небо и најдобро зачуваниот град од римско време – Џераш. За мене најинтересни беа авантуристичките викенди каде имавме можност да нуркаме во Црвено Море и да посетиме кањон во кој имаше опција за хајк на вода наречен Вади Муџиб.

Тоа што Јордан ја прави посебно атрактивна е топлината на народот и нивната гостопримливост, превкусната храна што за мене искрено беше од голема важност, интересни традиции и обичаи и неверојатно многу места за посетување.

После ова искуство стекнато во Јордан, можам со сигурност да кажам дека секој студент треба барем еднаш да излезе од својата комфорт зона и да отиде на пракса во странство со што ќе се стекне со знаење, искуство и спомени кои се од огромна вредност и остануваат за цел живот.

Ива Николова - студент на Факултетот за Електротехника и Информациски Технолоции