Кога ќе се спомне Австрија сите помислуваат на Виена, Линц, Салзбург или Грац, но Австрија изобилува со многу убави помали градови.

Оваа година имав можност да заминам на тримесечна пракса во Инсбрук, Австрија. Инсбрук се наоѓа во западна Австрија и тој е главен град на регионот Тирол. Градот се наоѓа помеѓу три големи планини, а воедно и познатите скијачки центри Нордкете, Пачеркофел и Серлес. Исто така градот е познат по тоа што двапати таму се одржани зимските Олимписки игри (1964 и 1976), како и зимските Олимписки игри за млади (2012).

Работев на Универзитетот во Инсбрук во „лабораторијата“ (што повеќе наликува на катедра кај нас) за интелигентни интерактивни системи. Тие работат на истражувања поврзани со роботика, длабоко учење, reinforcment learning и нивната примена во роботика. Јас, како некој што немал допир со роботика, работев на истражување за машинска визија. Поконкретно, пробувавме да видиме дали длабоките невронски мрежи можат да прават асоцијации меѓу сцени и објекти на сличен начин како што прават луѓето. Праксата ја започнав со 4-дневен тим билдинг во еден од многуте скијачки центри во близина на Инсбрук, Обергургл.

Работев по 19 работни часа неделно со флексибилно работно време, па имав и доста слободно време. Престојував во селото Матреи ам Бренер, кое е 20 км оддалечено од Инсбрук (15 мин со воз), и 16 километри од Италијанската граница, па често пати одев и до Италија на еспресо и пица или тестенини (и иако е само 20 километри разлика, Италијанските тестенини се многу поразлични и повкусни). Останатото време го користев за планинарење, скијање и bouldering (качување по мали вештачки карпи). Исто така еден викенд бев и на отварањето на сезоната на скијачкиот светски куп во Солден.

Инсбрук е интересен и поради скокалницата Бергизел, која е една од четирите големи скокалници во зимската сезона, и поради „Кристалниот свет“ на Сваровски, која е една од најатрактивните дестинации во Австрија. Исто така ги посетив и Салзбург и Виена. На крајот од праксата го посетив и замокот Neuschwanstein кој е инспирацијата за логото на Дизни (и замокот во Disneyland) и истиот се наоѓа во југозападниот дел на Баварија, Германија.

Во поглед на храната, Австрија е позната по Wurst (виршли и колбаси), Schnitzel и чоколадните кугли Моцарт. Целиот регион Тирол е познат по млекото и по тоа што кога и да одиш надвор од град слушаш ѕвончиња од крави и дури има и знаци со упатства што да правиш доколку наидеш на крава. Австрија е позната и по шнапсот (кој сепак не може со нашата жолта…), а во зимскиот период особено е позната по Gluehwein (греаното вино) и Raclette (вид на топен кашкавал кој е всушност швајцарски специјалитет). Бидејќи заминав на пракса во последната четвртина од годината имав прилика и да ја почуствувам атмосферата за време на Божиќните празници.

Ви препорачувам на сите да ја искористите можноста и да одите барем еднаш на пракса во странство. Ако ништо друго, ќе видите поразличен пристап кон работата од тоа што може да се види на пракса кај нас.

Стефан Петрушевски, студент на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство, Скопје

‌‌