Сакаш пракса на Балкан? Зошто? Поубаво седи си тука… беа низа од коментарите што ги добив кога сакав да аплицирам за пракса во Босна и Херцеговина. Немав никакви очекувања, не знаев каде точно одам, но бев сигурна дека ќе биде многу слично како кај нас.
Праксата за која аплицирав беше во времетраење од 4 недели (јули-август), па си реков ајде да пробам за почеток нешто што ќе биде пократко, ако ништо друго ќе почуствувам како е да живееш сам месец дена без своите пријатели и без секојдневните обврски.

За брзо време ми стигна потврден мејл дека сум примена на пракса. SPARK Business Park  е името на компанијата во која работев,лоцирана во Мостар. Како за прва пракса аплицирав да работам frond-end, бидејќи тоа беше полето во кое се чуствував посигурно, но ме убедија да изберам back-end. Првата недела ми дадоа да учам нов програмски јазик GoLang. Втората и третата недела имав задача да направам REStful API за управување на инвентар на една фирма (CRUD операции како и RBAC). Последната недела ја искористив за спојување на дата базата со проектот и тестирање на истиот. Имав флексибилно работно време односно можев да одам кога сакам помеѓу 7 и 10 часот наутро и да бидам таму минимум 8 часа, вклучително и пауза. Луѓето во компанијата беа многу учтиви, се грижеа за секоја ситница и секогаш беа пријателски настроени.

Мостар е преубав град, но колку што е убав колку е и претопол. Тој факт беше нешто за кое дефинитивно не бев спремна, вечерите беа пеколно топли (дури и до 28 степени). Она по кое тој град е познат е Мостаркиот Стари Мост, сигурно сите сте слушнале за тоа па нема да раскажувам истории.
Нормално таму не бев сама. Во тој период со мене имаше уште 4 практиканти. Сите бевме од различен факултет и сите си бевме приказна за себе. Исто така луѓето од ИАЕСТЕ комитетот беа постојано со нас и секоја вечер не дружеа. Често одевме на прошетка низ градот, по пабови, клубови, па никогаш не ми беше досадно. Често изигравав и преведувач бидејќи таму со англиски јазик не можеш баш да се снајдеш, па практикантите кои беа со мене сметаа дека сум многу паметна поради тоа, не дека ми пречеше ама беше пресмешно. Храната е иста како и тука, па во тој дел немав проблеми. За доручек обавезно бурек со месо, за ручек за прв пат се осмелив да пробам и ќебапи ( не сум љубител на меленото месо, но беа вкусни), уштипци, шишќебап… За десерт обавезно баклава, а денот не може да го завршите без босанска кава.На крајот од праксата направав и мала тура па бев и до Сараево, Дубровник и Сплит.

Она што го научив е дека дефинитивно никогаш не треба да слушате што другите ќе кажат и не треба да дозволите никој да влијае врз вашиот избор бидејќи додека не отидете и не искусите сами како е да си на пракса во странство, па макар и толку блиску, нема да знаете што ве очекува. Се надевам дека успеав да ви пренесам како изгледаше мојата ИАЕСТЕ пракса.

И дефинитивно не може да ја напуштите Босна ако барем еднаш не ја отпеете I am from Bosnia, take me to America… xD

Јована Коцевска - студент на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство, Скопје