Откако ја пратив апликацијата за пракса, по неколку дена пристигна потврден одговор. Мојата апликација беше одобрена од место Хожов, Полска, кое беше тотално непознато за мене. Во сеќавањата од престојот во Полска најзапаметени ќе ми останат дружбите, прекрасното искуство, прекумерната употреба на ж, ч, ш и се разбира пирогите.

На мое изненадување, сончево ме пречека Полска. Во домот во кој бев сместена веќе имаше други  IAESTE практиканти од Јапонија, Иран, Еквадор, Индија, Кина, Швајцарија, Грција, Виетнам и Америка. Разноликоста на културите и желбата да видиме, да пробаме нешто ново, поразлично не сплотуваше уште повеќе. Домот каде што бев сместена беше во градот Гливице кој всушност е и универзитетски град. Секој работен ден патував околу еден час со градски превоз до работа, во соседниот град Хоржов. Едночасовното возење реално ми го прикажа животот во Полска и успеав да го запознаам регионот Силезија. Сите градови од овој регион се разликуваат од останатите бидејќи се комбинација од гермаска и руска култура. Тоа важи и за архитектурата, но и за начинот и стилот на живот, одличен спој на пиво и вотка.

Компанијата каде што ја извршував мојата пракса беше мала, броеше само 20тина вработени. Тие конструираат и изработуваат инженерски решенија за проток на матерјали, според потребите на клиентот. Воглавно нивните иновации се базираат на вибрациони механизми. Како практикант бев распоредена во одделот за инженери, а тоа значи дека ги гледав нивните решенија од CAD моделот, изработка па се до главното тестирање. Понекогаш одев заедно со надлежните инженери на терен, контрола во фабриките каде што се користат нивните механизми. Имав прилика да посетам фабрики за чоколади, чаеви, чипсови па се до цементари. Разноликоста ја правеше праксата уште поинтересна и неизвесна.

Престојот во Поска беше микс главно од нивната култура и кутлурите на сите практиканти. Воопшто не ни сметаше да ја пробаме зачинетата храна на девојчето од Индија, ниту пак се мислевме каков вкус ќе имат пржените банани од Еквадор. Различни вкусови, различни зачини, мириси, беа секојдневние во моите 6 недели во Полска. Морам да признаам дека научив многу повеќе полски зборови од што очекував. Баш како и Полска и нивниот јазик е нешто што мислиш дека го знаеш, но да го изговараш е тешко. Повеќето луѓе не знаат англиски, па тоа е дополнителен мотив да се трудиш уште повеќе. Местоположбата на градот Гливице е одлична и можеше да се присустува на речиси сите IAESTE организирани викенди во Виена, Прага, Краков, Варшава итн. Беше одлично и незаборавно да се биде дел од игрите и да ги истражуваш градовите, да запознаваш нови луѓе и да собираш колекција од неверојатни моменти. Дефинитивно незаборавни искуства.

За крај сакам да кажем едно големо благодарим на Полска, на сите IAESTE членови од Гливице и на среќата што бев одобрана за оваа пракса. Навистина е неверојатно искуство да се биде IAESTE практикант!                                      

Анита Василева - студент на Машински Факултет во Скопје