Еден месец поминат на пракса во Краков, Полска за мене претставуваше голем предизвик, но несомнено и најубавото животно искуство, кое секој млад човек би посакал да го доживее.


Краков, оправдано може да го добие епитетот ’’туристички град од соништата’’, бидејќи претставува еден совршен спој на историски, културни и забавни атракции. При престојот во Краков може да се почувствуваат животот во голем град, но воедно и пријатната, смирувачка атмосфера која плени и го прави овој град толку посебен.

Бев примена на AGH University of Science and Technology, кадешто ја извршував мојата пракса-проект на лабораториско испитување на води добиени во различни услови, што вклучуваше микробиолошки, аналитички и биотехнолошки анализи. Можноста да научам многу работи во практиката од мојот ментор, да користам висококвалитетна лабораториска опрема во тековната работа, како и да работам заедно со странски студенти, претставуваа големо искуство и корист за мојот личен напредок на професинален план.


Духот на градот најдобро го почувствував кога стапнав на главниот плоштад во стариот дел на Краков, кој е лоциран во срцето на градот. Поради фактот што се вбројува во еден од најубавите европски градови, неговиот стар дел е ставен на листата на места кои се под заштита на УНЕСКО, а е еден од најголемите средновековни плоштади во Европа. Тука се наоѓаат прекрасни градби, цркви изработени во специфичен готски стил, катедрали, замоци, но и модерни кафулиња, преполни со туристи од цел свет, кои придонесуваат за една посебна атмосфера и раздвиженост. Белите кочии и коњите, кои нудат прошетка низ стариот дел на градот, се прекрасен декор и му даваат изглед на центарот како дел од бајка. Вистинка атракција е Wieliczka Salt Mine-рудник за сол. Oткриен e уште во 13-ти век и од него се вршело ископување на еден  од најквалитетните врсти на сол за јадење. Од 1978 год. рудникот е под заштита на УНЕСКО. Во внатрешноста, на 327 метри длабочина, се наоѓаат тунели, но и многу капели во кои денес се одржуваат венчавки.

Она што го направи престојот уште поинтересен, беше дружбата со другите интернационални практиканти, како од Белгија, Ирска, Индија, Турција, Србија, Кина, Русија. Вистинскиот дух на Краков го запознавме преку разните вкусови на познатата полска водка Soplica, пабовите со разни видови на пиво, но и вкусната храна која вклучува pierogi, zapiekanka и други традиционални јадења.
Срдечно препорачувам пракса во Полска на секој кој сака да запознае една нова култура, нова земја и да помине незаборавно.

- Мила Китановска, студент на Фармацевски Факултет - Скопје